Среда, 22 Ноември 2017

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


Децата веруваат дека Груевски живее во теливозор

Најголемиот број на деца во Македонија веруваат дека лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер Никола Груевски живее во телевизор, покажуваат анкетите кои се спроведени во градинките и во помладите одделенија во основните училишта.

Експертите велат дека тоа е природно размислување за оваа возраст и дека децата на свој начин се обидуваат да го сфатат функционирањето на светот кој ги опкружува.

„Тој чичко, за кој татко ми вели дека се вика Груевски, речиси постојано е во телевизорот. Таму е наутро кога тргнувам во градинка, па повторно кога ќе се вратам и така цел ден. Постојано нешто говори, вика или се расправа со некој, но јас речиси ништо не го разбирам“, раскажува 5-годишниот Ставре К.

„Не ми е јасно како го собира во телевизорот и зошто живее баш во него. Се прашувам што јаде, дали понекогаш одмора и како издржува да не оди во тоалет. Моите другари велат дека некогаш сигурно излегува надвор, малку да прошета, но јас сигурно би забележал ако не е тука“, вели ова момче.

Неговиот татко Ристе раскажува дека се обидел да му објасни на својот син како функционира телевизијата, но дека тоа не е лесно, бидејќи детето своите заклучоци ги изведува од она што го гледа.

„Ништо не забележував се додека Ставре не застана пред телевизорот и почна да го моли Груевски да му пушти цртан филм. Тогаш сфатив во која насока оди неговото размислување. Кога бев дете и јас верував дека во телевизорот живеат некои мали луѓе кои ги свртуваат точките и така произведуваат слика и тон. Денешните деца сигурно веруваат дека тоа е токму Груевски, бидејќи постојано е на повеќето телевизиски програми. Мојата вина можеби е во тоа што еднаш му реков дека поранешниот премиер е главен за подесување на програмата и дека ние го гледаме и слушаме само тоа што Груевски сака да го видиме и слушнеме“, објаснува тој.

Адаптација на текст од Njuz.net

Фото: Фокус