Среда, 22 Ноември 2017

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


Денеска е Светски ден на шегата

Во светот денеска се одбележува Светскиот ден на шегата, кога луѓето прават безопасни измислици и објавуваат лажни новости со кои другите ги доведуваат во смешна положба.

Во некои земји, како во Велика Британија и Австралија, шеги се прават само до пладне, а оној кој ќе ги направи после пладне се нарекува априлска будала (April fool). Во многу други земји шеги се прават во текот на целиот ден.

Постојат разни верзии за потеклото на 1април како Ден на шегата.

Според една верзија, 1 април како ден на шегата настанал во 16 век, кога бил поместен денот на Нова Година од 25 март на 1 јануари. Дотогаш, во многу европски градови Нова Година се славела на 25 март, а славењето траело седум дена, односно до 1 април. Според тоа толкување, тие кои го прифатиле новиот датум за прослава на Нова Година, се шегувале со оние кои и понатаму славеле до 1 април.

Во 18 век, се сметало дека овој ден води потекло од библиската личност Ное. Според написот во еден англиски весник, објавен во 1789 година, на тој датум Ное за првпат испратил гулаб, но прерано.

Меѓу познатите шеги е онаа на Би-Би-Си во 1957 година. Тогаш британската телевизиска мрежа објавила дека Швајцарците берат шпагети од дрво. Голем број на гледачи се јавиле во редакцијата на телевизијата за да ги дознаат можностите како самите да одгледуваат свои стебла со шпагети.

Позната шега е и изумот на хамбургер за левораките луѓе. Бургер Кинг од САД во 1998 година објави реклама за плескавица за левораките лица.

Некои настани кои навистина се случиле на 1 април честопати се прифаќаат со неверување. Иран во 1979 година го прогласи 1 април за Ден на Републиката. До денес, многумина не веруваат дека тоа е вистински празник.