Петок, 21 Септември 2018

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


Русија: Парична казна за невладина организација

Судот во Москва парично ја казни невладината организација за заштита на правата на избирачите „Голос“ со 300.000 рубљи (10.000 долари), поради кршење на законот за регистрација.

Со законот е регулирано дека непрофитните организации кои примаат пари од странство треба да ја носат ознаката „странски агент“.

Активистите на „Голос“ не постапувале по законот одбивајќи да ја пререгистрираат невладината, со образложение дека тоа би значело „враќање во времето на Советскиот Сојуз“, а по изрекувањето на казната најавија дека ќе се жалат, бидејќи одлуката ја сметаат за незаконска.

Рускиот парламент минатата година усвои закон со кој невладините организации кои се финансираат од странство и кои учествуваат во политички активности, се обврзувани да се регистрираат како „странски агенти“, а „Голос“ е една од невладините кои се најдоа на удар на државата.

Руското министерство за правда ја обвини оваа невладина организација дека добива пари од странство, а дека не е регистрирана како странски агент, со што го прекршила законот, пренесоа агенциите.

Овие активисти ја нападнаа владата со тврдењата дека на парламентарните избори во 2011 година и претседателските избори во 2012 година, на кои Владимир Путин го освои третиот мандат, се забележани големи неправилности, што предизвика масовни протести против неговата доминација во Русија.

Меѓутоа, „Голос“ инсистираше на тоа дека престанал да добива странски пари по усвојувањето на овој закон, за да не мора да се декларира како странски агент.