Вторник, 21 Август 2018

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


Посетата на Столтенберг – најава за отворање на вратите за НАТО

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во Македонија пристигнува денеска во вечерните часови, а своите официјални средби ги започнува утре во 9 часот со министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Се работи за прва посета на највисокиот претставник на НАТО од 2014 година, кога Андерс Фог Расмусен ја посети Македонија кон крајот на својот мандат.

Генерален секретар на НАТО по речиси четири години доаѓа во посета на Македонија. Јенс Столтенберг вечерва пристигнува во Скопје, а утре ќе има средби со највисокиот државен врв и ќе се обрати пред пратениците во македонското Собрание, јави МИА.

И без разлика на пораката, која што ќе ја испрати до македонските власти и граѓаните, самата негова официјална посета на земјава, во овој исклучително интензивен период на внатрешен, но и надворешно-политички план за Македонија, е порака сама по себе.

Македонија интензивирано и забрзано работи на решавање на спорот со Грција за името, кој е препрека за европската и евроатлантската интеграција. За денеска е закажана нова рунда преговори во рамки на нивното обновување по тригодишниот застој. Владата работи и на реализација на Планот 3-6-9 за спроведување на реформите, кои се потребни во насока на демократизација на земјата и воспоставување на владеењето на правото.

Претставници на Владата брифираат дека тие работеле на посетата на Столтенберг од јуни минатата година, а тој доаѓа по покана на премиерот Зоран Заев.

За време на посетата ќе бидат активирани стандардните безбедносни мерки и регулацијата на сообраќајот за негово непречено движење низ Скопје.