Четврток, 26 Април 2018

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


МОН ќе испитува дали Бадникарските поворки биле организирани преку училиштата

По бурните реакции на јавноста за учеството на над 7.000 деца во бадникарските поворки, Министерството за образование и наука најави дека Државниот просветен инспекторат ќе провери дали имало верско организирање и дејствување во училиштата.

Соопштението на МОН го пренесуваме во целост:

Во врска со случувањата на 06.01.2018 година, кога групи деца учествуваа во верски манифестации во повеќе градови низ Република Македонија, Министерството за образование и наука известува дека станува збор за период кога учениците се на зимски распуст, кога нивните родители, односно старатели го организираат користењето на слободното време и активностите на нивните деца.

Воедно, Ве информираме дека од Министерството за образование и наука не била побарана, ниту Министерството дало согласност за превземање на било какви активности во училиштата за подготовка или организирање на учениците за учество во овие манфестации, во текот на првото полугодие од оваа учебна година.

Во оваа прилика укажуваме дека на граѓаните на Република Македонија им се гаранитира правото на здружување и слободата на вероисповеста, односно слободно и јавно, поединечно или во заедница со други, изразување на верата, но во Законот за основното образование во членот 11 е наведено дека „во основното училиште се забранува политичко и верско организирање и дејствување“. Воедно, наставниците во спроведувањето на наставата по сите задолжителни или изборни предмети, се должни да ја следат програмата која е утврдена од страна на Министерството.

Заради расчистување на било какво сомневање околу прекршување на законските одредби од областа на образованието, Министерството за образование и наука во текот на утрешниот ден ќе побара од Државниот просветен инспекорат да ги испита сите индиции за евентуално верско организирање и дејствување во училиштата.

Воедно напоменуваме и дека вршење на инспекциски надзор од страна на Државниот просветен инспекторат беше невозможно во изминативе неколку денови, со оглед на тоа што покрај учениците кои се на зимски распуст и вработените во училиштата се ослободени од активности до 09.01.2018 година.