Вторник, 21 Август 2018

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


Белград го напушти дијалогот во Брисел поради убиството на српскиот политичар

Делегацијата на Белград го напушти техничкиот дијалог и се враќа во Србија поради убиството на лидерот на партијата Граѓанска иницијатива „Србија, демократија, правда“ (СДП), Оливер Ивановиќ, кој беше застрелан утрово во Косовска Митровица.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека убиството на Оливер Ивановиќ е терористички акт и дека Србија кон тој акт така и ќе се однесува.
Обраќајќи им се на медиумите после седницата на Советот за национална безбедност, одржана по убиството на Ивановиќ, Вучиќ рече дека во име на државата Србија, во свое име и во име на Владата, изразува сочуство кон фамилијата на Ивановиќ.

-Извршителите на овој акт ќе бидат фатени, ако не ги пронајдат оние кои мораат, ние ќе го направиме тоа – изјави српскиот претседател.

На седницата на Советот, рече Вучиќ, било договрено и испратено писмо до органите на Еулекс и Унмик со барање државните органи на Република Србија да учествуваат во истрагата која ќе се спроведе на територијата на Косово и Метохија.

-Уверени сме дека тоа ќе значи и откривање на вистината за убиството на Ивановиќ. Немам овластување во овој момент да ги пренесам сознанијата со кои располагам. Нема да шпекулирам, но има интересни детали кои укажуваат на можните извршители – рече Вучиќ.

Убиството следи по загрозувањето на безбедноста и имотот на Србите повратници на Косово, и по заканите на претседателот на косовското Собрание Кадри Весели, дека косовските Албанци нема да запрат до Ниш, доколку Србија се обиде да ја загрози независноста и сувереноста на Косово.