Среда, 22 Ноември 2017

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


Александар Матовски: Како станав водител?

Отсекогаш ги сакав новинарската и водителската работа.  Еднаш дома случајно најдов едно цеде на кое еден млад човек од Кина водеше емисија. Лицето беше со посебни потреби. Го гледав и си мислев зошто и кај нас да нема ваква емисија? 
Ете така се роди мојата идеја. 
Во тој период им кажав на моите родители дека подготвувам емисија, а тие ми велеа да не летам високо зашто можам да паднам ниско. Но, ете ме, сега си ја имам „Јас сум Цако“, која се емитува на радио МОФ еднаш во месецот и тоа во претпоследната среда, во 20 часот. Името на емисијата е по мојот прекар, кој ми го даде мојата нана. 
Темите што ги обработувам се за лицата со посебни потреби и за невладиниот сектор што ги вклучува овие лица во своите програми. Досега сум имал гости од ХЕРА, Тризомија 21, „Во мојот свет“, од Ресурниот центар „Различни, а еднакви“, од Националниот младински совет на Македонија, од Центарот за младински активизам „Крик“... Гости во емисијата ми биле и претставници на УНИЦЕФ, на Танцовиот клуб „Денсерс јунајтет“ (Dancers united), стручњаци, професори, доктори, дефектолози. Голема чест ми е гостувањето на самите лица со пречки во развојот.  
Ова ми е првпат да пишувам колумна. Се надевам дека ќе допрам до нашиот народ и ќе ја разбудам свеста на јавноста за овие лица затоа што и тие се дел од ова општество.  
Мојата цел е да им покажеме на сите дека постоиме и дека можеме самите да донесуваме одлуки, а не само да сме пасивни набљудувачи. Срамота е и жално е други да донесуваат одлуки за нас. Па, затоа и постои „Јас сум Цако“ - да му послужи на народот да ги тргне стереотипите за овие лица за кои јас ќе се борам до последниот мој здив.
Логото на јас сум Цако е во сино-жолта боја - како морето и сонцето, кое не грее сите нас.

Александар Матовски

(Авторот е лице со Даунов синдром, кое за првпат во Македонија има своја авторска радиоемисија, каде што се разговара за сите проблеми, предизвици и дилеми на младите лица со пречки во развојот во земјата)

Извор: Лице в лице