Среда, 22 Ноември 2017

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


Откриени нови детали за љубовната афера на Марија Антоанета

Француски истражувачи откриле скриени пораки во писмата кои Марија Антоанета ги разменувала со пријателот на кралското семејство, со кој наводно имала љубовна афера, пишуваат француските медиуми.

Најверојатно никогаш не ги изговорила зборовите „Ако немаат леб, нека јадат чоколадо“ пред да биде погубена на гилотина во 1793 година. Но, научниците откриваат зборови кои навистина можат да и се препишат на омразената француска кралица и кои можат да откријат некои од нејзините тајни.

Научниците од Центарот за конзервација ја објавиле првата од 13-те скриени пораки, кои биле затемнети со мастило во писмото, кое било дел од личната кореспонденција на кралицата.

Скриената порака е дел од подолго писмо кое Марија Антоанета го напишала на шведскиот гроф Ахел де Ферсен, на 4 јануари 1792 година.

„Нема да го завршам ова писмо додека не Ви кажам, мој драг и нежен пријателу, дека сум лудо заљубена во Вас и дека Ве обожувам во секој момент“, напишала Антоанета.

Љубовната изјава е напишана шест месеци по неуспешниот обид на Ферсен неомилената француска кралица и нејзиниот сопруг Луј XVI да ги извлече од Париз. Една година подоцна кралот е погубен.

Истражувачите, финансирани од Националниот архив на Франција, наведуваат дека ова е еден од ракописите на Антоанета за кој најамалку се знае.

Историчарите долго дебатираа за природата на односот меѓу француската кралица и шведскиот гроф, за тоа дали се работело за романтична, сексуална или платонска врска.

Центарот за конзервација соопштил дека претходните обиди да се дешифрираат зборовите затемнети со мастило биле неуспешни, се додека Националниот архив не ја набавил најсовремената технологија за читање под мастило.

Со користење на ултразвук и разни инфрацрвени скенери истражувачите успеале да откријат што пишува во писмото.

Се верува дека се работи за оригиналниот ракопис на Марија Антоанета, но не е исклучена можноста тој дел да го допишал Ферсен или некои од неговите наследници.

Научниците ветиле дека наскоро ќе објават нови детали од приватната кореспонденција на омразената француска кралица.