Понеделник, 22 Октомври 2018

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


Голема победа на Македонија, бронзените паднаа!!!

Првата препрека е помината, силната, бронзената Словенија падна од храбрите црвено-жолти момчиња. Храбро на терен, со голема помош од трибините ја постигнавме првата победа на ЕП во Хрватска. Победа која сите ја посакувавме, а за која нашиот капитен рече, клучот беше публиката.

„Се чувствувавме како да играме дома, на наш терен. Големата бројка на наши навивачи ни даде мотив да го оставиме срцето на терен, не смеевме да кикснеме за нив“,вели Лазаров.

„Победивме голема репрезентација, која игра цврст и борбен ракомет поради што се чувствувам како да сум одиграл два меча, а не еден. Луѓето кои разбираат ракомет знаат колку беше тешко. Вујовиќ постави гранитна одбрана и ни беше тешко да играме“.

„Сега треба да се одмориме и без потценување да влеземе против Црна Гора. Треба да останеме на земја и да продолжиме да играме со срце за цела Македонија“, истакна нашиот капитен.

Почнавме во грч, постигнавме два гола од седум метри, противникот ја диктираше играта за на полувреме да се вратиме во игра. На одмор заминавме со резултат 11:11.

Како и вообичаено нашиот тим секогаш се враќа мотивиран, па ги изненадивме Словенците на стартот на второто полувреме. Излезе од грч Манасков, како што и самиот кажа по натпреварот, па успеа да го совлада противничкиот голман, а на полетот на црвено-жолтите се надоврза со одбраните Митревски, кој ги подигна нашите со влегувањето во првиот дел. Во таков момент стигнавме и до највисоки 4 плус, за да ги одржуваме се до 10 минути пред крајот на натпреварот.

Но овојпат, искуството од играчите, на клупа најдобриот светски тренер и големата борба на теренот ги награди нашите репрезентативци да слават со голема и многу значајна победа, што ги отвора вратите за висок пласман. Веруваме во оваа репрезентација, нека продолжат така и во вториот напревар против Црна Гора и како што кажаа повеќето после натпреварот да одиме чекор по чекор.

Честитки до храбрата и заслужена победа!!!