Вторник, 21 Август 2018

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


Ристески: Граѓаните треба да знаат зошто... Нели обвинителе?

Деканот на правниот факултет при Универзитетот ФОН, Темелко Ристески, изнесува неколку мисли – прашања. Ги пренесуваме во целост:

„Незгодни прашања

Врз основа на член 16, став 1 од Уставот на Република Македонија кој ми гарантира слобода на уверувањето, совеста , мислата и јавното изразување на мислата, а во врска со информирањето на граѓаните за работата на нивната власт ги изнесувам следниве мисли - прашања:

Во Република Македонија суверенитетот произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните. (член 2, став 1 од Уставот). Тоа значи дека власта им припаѓа на граѓаните. Премиерот и неговата Влада, ќе го парафразирам професорот Слободан Јовановиќ, се застапници на граѓаните и треба да работат во служба на граѓаните. Дека власта им припаѓа на граѓаните, а не на премиерот и неговата владеачка гарнитура, зборува и фактот што судовите донесуваат (член 13, став 1, од Законот за судовите) и ЌЕ ДОНЕСУВААТ ПРЕСУДИ во името на граѓаните.

Имајќи го во вид наведеното, граѓаните на Република Македонија треба да знаат: зошто Република Македонија е најсиромашна земја на Балканот и една од најсиромашниите во Европа; зошто во Републиката минималната плата изнесува само 150 евра (а дури и од таа бедна плата многу работодавци им бараат на работниците да им вратат по 30 до 50 евра), кога во Грција која што е во тешка економска криза минималната плата изнесува 500 евра, а владата на премиерот Ципрас ќе ја покачи на 750; зошто во Републиката, просечната плата изнесува нешто повеќе од 300 евра; зошто во Републиката реномиран универзитетски професор прима плата од 430 до 600 евра и тоа нередовно (како ќе ја унапредуваме науката). Граѓаните треба да знаат зошто мојот пријател хонорарец со невработена сопруга и невработен син- студент (и многу како него) кој од својот беден месечен хонорар од 12.000 денари, од први јануари оваа година ќе треба скоро половина да одвојува за пензиско и инвалидско осигурување во државните фондови; зошто социјалната помош изнесува само околу 50 евра месечно; зошто додатокот за помош и нега од страна на друго лице изнесува само 70 евра и т.н.

Понатаму, граѓаните треба да знаат зошто во Скопје за тн. проект Скопје 2014, во време на најтешката криза досега се потрошени стотици милиони евра (и уште ќе се трошат) за барокни фасади од гипс и стиропор (во време кога модата на барокот во архитектурата одамна е помината) и споменици кои уште никнат како печурки по дожд; зошто во Скопје е направена триумфална капија кога се знае дека триумфални капии се граделе непосредно по победоносни походи во чест на победоносните војсководци кои со своите походи ја дигнале славата и моќта на својата држава; зошто во Скопје на потег од неполни 400 метри се изградени два скапи пешачки моста (а и галии) кои можат да го загрозат градот од поплава во случај Вардар да го наполни т.н горно корито; зошто во Скопје се гради скапа зграда на ЈП Водовоод и канализација а и други скапи згради; зошто во услови на тешка економска криза во повеќе помали градови се градат спортски сали за младите кои се недоволно искористени затоа што младите, „со стомакот по леб“, во голем број ја напуштија Републикава и заминаа во странство. Граѓаните треба да знаат зошто нивните крваво заработени пари, во време на најголема криза и сиромаштија, се потрошени за непроизводни цели: за барокни фасади, споменици, скапи деловни згради и сл., наместо да се потрошат за производни цели, за социјала, за зголемување на платите и пензиите и т.н. за да се зголеми нивната куповна моќ, да се зголеми потрошувачката, а со тоа и производството на стоки и услуги, па економијата да тргне напред.

Потоа, граѓаните треба да знаат зошто се наруши автономијата на Универзитет; зошто на многу од средношколските професори, по тн. екстерно тестирање им се намалуваат и онака скромните плати; зошто се прогонуваат и затвараат слободоумни новинари; зошто некои од нив гинат под сомнителни околности; зошто над новинарите се вршат страшни притисоци само затоа што сакаат објективно да ја информираат јавноста.

Граѓаните треба да знаат зошто во аферата Македонска банка не е сослушан клучниот сведок, кој го водел разговорите меѓу премиерот и фамозниот газда Нини а (каков апсурд) е сослушан само Газда Нини, од кого не можеше да се очекува да ја каже вистината; зошто обвинителите не поведуваат кривични постапки кога се во прашање лица од власта и блиски до власта; зошто судиите се плашат да донесуваат осудителни пресуди во вакви случаи и зошто судат по диктат на власта. Граѓаните треба да знаат зошто служат огромните уништувачки прекршочни казни. Тие треба да знаат зошто Уставниот суд, очигледно неуставни или незаконски одредби на закони и подзаконски прописи не ги укинува или поништува.

Граѓаните треба да знаат зошто имаме огромна и недоволно стручна државна администрација, (секој чест на малкубројни стручни и совесни поединци) која живее на товар на буџетот кој се пополнува од даноците и другите давачки на граѓаните; треба да знаат зошто околу 1500 лица се примени да работат во администрацијата, а седат дома и примаат плата. Граѓаните треба да знаат зошто не се развива стопанството, па тие кадри, наместо во администрацијата, да се вработат во стопанските организации (трговски друштва) и зошто секој ден се затвораат бројни трговски занаетчиски дуќани.

Граѓаните треба да знаат зошто, наместо да уживаат во слобода и мирен живот во со Уставот прокламираната демократска и социјална држава - Република Македонија (член 1, став 1 од Уставот) живеат во страв и неизвесност за својата иднина.

Најпосле, граѓаните треба да знаат зошто премиерот и неговите млади соработници ја лансираа аферата со громогласен и возбудувачки назив„пуч“ ( на македонски – „државен удар“) и со тоа тешко ја дестабилизираа политичката ситуација во Републикава во време кога таа грчевито настојува да се вклучи во европската заедница на народите, имајќи го при тоа во вид фактот дека секој подобро информиран средношколец знае дека пучеви – државни удари изведуваат делови од офицерски - генералски корови со бројни свои вооружени приврзаници од Армијата, понекогаш и полициски корови, со исто така вооружени приврзаници од редовите на полицијата или, во немирни и политички зовриени ситуации, -политички групации со голем број на приврзаници од редовите на граѓаните и дезертираните војници (пр. болшевичкиот пуч во октомври 1917 година).Тројца мажи и една жена, вооружени со два компјутери и два пиштоли не можат да изведат „пуч“. Тоа а апсурд.

Уште многу нешта треба да дознаат граѓаните на Република Македонија. Со сигурност и правно валидно ќе ги дознаат тогаш кога против виновниците за горенаведените состојби и појави ќе се поведат и со правосилни одлуки ќе се окончаат со закон пропишаните постапки. Нели е така обивинителе? Правници сме и мораме да се сложиме. Вие дури и сте положиле свечена изјава – заклетва со која сте се обврзале дека во вршењето на функцијата јавен обвинител ќе се придржувате на Уставот и законите на Република Македонија, дека функцијата ќе ја вршите совесно, непристрасно и одговорно и дека ќе ги заштитувате слободите и правата на човекот и граѓаните и интересите на другите правни субјекти (член 45 од Законот за јавното обвинителство). Ред е да се придржувате на заклетвата. Таа ве обврзува законски и морално“.

Темелко Ристески