Среда, 21 Ноември 2018

  • Facebook: famamk
  • FeedBurner: fama/rss
  • Twitter: famamk


Стојанче Ангелов: Ова е понижување на целиот македонски народ

Лидерот на Достоинство ќе се обиде со сите демократски средства да го принуди новиот министер за одбрана Талат Џафери да се повлече од функцијата. Вели дека е национално предавство да се постави човек на чело на армијата кој бил командант на УЧК и се борел против македонските бранители. Неговиот гнев е поголем кон премиерот Никола Груевски кој предложи токму командантот Форина да застане на чело на Армијата. Седнавме наспроти Генералот Стојанче Ангелов да ја слушнеме неговата приказна.

Ангелов: Ова е национална катастрофа. Последните неколку години ВМРО-ДПМНЕ има направено неколку отстапки на албанските екстремисти, не зборувам за сите Албанци, зборувам за екстремните Албанци, кои за жал до ден денес живеат за сонот Голема Албанија. Како најжестоки се амнестираните од хашките случаи и препловувањето на Западна Македонија со албански знамиња за денот на албанското знаме, кои до ден денес останаа да се веат на јарболите, преименувањето на улици со ставање на имиња на Балисти, на ветерани на УЧК, изградба на споменици на ветерани на УЧК, вклучувајќи го и последниот споменик на Адем Јашари, командантот на УЧК од Косово во непосредна близина на главниот град на Македонија, во Радуша, како и последниот случај со почесниот граѓанин на Тетово - Рамуш Харидинај.

Ова е понижување на целиот македонски народ.

Со ставањето на командант на УЧК за министер за одбрана сметаме дека за една партија што го носи предзнакот ВМРО не смее да си дозволи вакво нешто, ниту било која друга македонска партија, бидејќи е газење на достоинството на македонските бранители, кои беа подготвени во 2001 година да загинат за државата. Некои беа убиени, беа ранети, а некои кои останаа живи се психички трауматизирани. Ова е понижување на целиот македонски народ. Ние имаме контакти со поранешни ветерани од УЧК кои сега работат во полицијата и армијата, дури и тие не можат да поверуваат дека Талат Џафери стана министер за одбрана. Мислеле дека Никола Груевски нема до толку да си дозволи, тие извршиле притисок, но сепак сметале дека Груевски ќе покаже малку национално, малку патриотизам и нема да дозволи газење на македонскиот народ и биле изненадени од постапката на Груевски.

Го имавте ли истиот гнев кога Талат Џафери беше заменик министер за одбрана во владата на СДСМ во 2002 година?

Кога СДСМ беше на власт во тоа време ние жестоко се боревме да падне таа влада на СДСМ. Таа влада имаше многу негаторски лош однос кон нас бранителите, па се боревме во 2006 година да дојде на власт ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи јас со моите соработници во најголем дел припаѓавме на таа партија. После поделбата помеѓу Лубчо Георгиевски и Никола Груевски застанавме на страната на Груевски како млад демократ кој ќе ја поведе Македонија напред. Затоа денес ние сме повеќе лути на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски. Владата на Бучковски во тоа време кога заменик министер беше Талат Џафери си ја плати цената, тие ги изгубија изборите токму од ваквите работи.

Што е поразлично од тогашната СДСМ и денешната во која и вие сте коалиционен партнер?

Како прво Бранко е многу поискусен, тој во своите јавни настапи признава дека грешел, и во нашите разговори признава дека имал грешки кон македонските бранители и подготвен е да ги отстрани тие грешки. Ние кога преговаравме пред да влеземе во коалиција со СДСМ имавме договор на подолг период на подолги патеки. Тимот на СДСМ го предводеше Зоран Јовановски, во кој што сите наши барања не беа прифатени и по тоа ние знаевме дека се сериозни во преговорите, бидејки ако ги прифатеа сите наши барања ќе знаевме дека сакаат само политички да не придобијат. Тоа ни укажа дека СДСМ сериозно преговара со нас и не убедија дека по промената на власта, кога ќе биде формирана новата влада на СДСМ, Достоинство како коалиционен партнер минимум што ќе успее ќе биде решение на проблемите на бранителите и одредени права, решение на статусот на професионалните војници со префрлање во полиција, судска или затворска полиција и шумска полиција, вработување на отпуштените професионални војници и предност при вработување на дипломираните криминалисти. Тој тим на СДСМ со кој преговаравме се луѓе на возраст од четириесетина години, не се извалкани политички, тие се млади кадри, но од друга страна не се млади деца како што имаме во ВМРО-ДПМНЕ со 20-30 години на директорски и министерски места.

Стевчо Јакимовски е единствен кој не го послуша Бранко за бојкотот на локалните избори. По само неколку денови го исклучија од партијата и заработи кривична пријава. Можно ли е во иднина доколку и вие му се спротивставите да ви се случи истото?

ВМРО-ДПМНЕ беше партијата која долго време се обидуваше да ме извалка, да ме направи криминалец, но неуспешно.

Може со секој кој има нечиста совест, кој што има дело за кое може да го фатат, со нас никој така не може да игра бидејќи почнувајќи од мене, па се до целото раководство во Достоинство потекнуваме од организација која се борела против криминалот. Напротив, ВМРО-ДПМНЕ беше партијата која долго време се обидуваше да ме извалка, да ме направи криминалец, но неуспешно, дури си земаа за слобода да ги проверуваат моите боледувања. Откако тие не најдоа ништо и видоа дека се е чисто, пратија инспектори од Одделот за организиран криминал на МВР. Овие инспектори отидоа со налог од истражен судија за дело кое што не беше напишано во налогот, за таква работа се предвидува казна затвор поголема од 5 години и можат да се употребат овие посебни истражни мерки, и знаев дека тоа го направија за да можат легално да ме прислушуваат и да ги користат сите тајни техники кои што ги користи МВР. Кога не најдоа ништо, формираа петчлена комисија од професори и доктори на науки од медицинскиот факултет, комисија што беше директно формирана од министерот Бујар Османи. Но Османи, иако е од партијата на УЧК, имаше смелост да се огради и кажа дека постапил по барање на мојот работодавец, големиот патриот Гордана Јанкуловска, но на крај не ми најдоа ништо. Сакам да ви кажам дека беа подготвени на секој начин да ме извалкаат. Луѓе во последно време ми викаат да не го спомнувам многу Сашо Мијалков, да бидам помек кон него, зошто ќе ме снашла судбината на Љубе.

Се плашите ли?

Јас од ништо не се плашам, може тоа да изгледа неверојатно, во 2001 година во Арачиново јас бев убиен, дали тоа било една секунда или минута, јас бев убеден дека ќе умрам, мене дури некои медиуми ме прогласија за мртов. Моите колеги кои беа околу мене, кои што ме извлекоа, не веруваа дека ќе останам жив. Имав силно крвавење, целата крв буквално ми истече низ уста, бидејќи панцирот ми ја стегаше раната на градниот кош, но бев добро обучен и психички бев силен да не се исплашам и да не умрам, оти најголемата опасност при таква повреда е опасноста од самозадушување од сопствената крв. Јас, додека не ме однесоа во државна болница, не паднав во несвест се додека не ме ставија на операциона маса. Паѓањето во несвест за мене ќе значеше смрт, јас тоа го знаев и со целата моја волја, концентрација и техники кои што ги познавам останав повторно свесен и успеав во тоа.

После тие поминати моменти, на што прво помисливте кога ја прочитавте пораката „УЧК на чело на АРМ“?

Јас бев запрепастен кога го прочитав предлогот од Никола Груевски со кој го предлага Талат Џафери за министер за одбрана, поради неговото богато работно искуство, дали притоа мисли и на богатото искуство од 2001 година. Не верував во такво нешто, иако е лажен патриот и кукавица, мислев дека нема да дозволи такво нешто, оти сепак е премногу.

Што сакате да кажете со изјавата дека се става сол на рана со доаѓањето на министерската позиција на Талат Џафери?

Ние, посебно бранителите, а и целиот македонски народ, сме многу чувствителни на албанскиот екстремизам. Конфликтот од 2001-та остави длабоки траги и поделеност меѓу Македонците и Албанците. Овие активности на екстремните Албанци кои се поизразени во последните неколку години, особено во последните месеци кои се во континуитет, во низа, создава отпор на Македонците кон сите Албанци, не само кон екстремистите. И во една таква ситуација кога меѓуетничките односи се силно надразнети, вие да го ставате Талат Џафери, командант од УЧК, за Министер за одбрана, тоа не е сол на рана, тоа е кислина на рана, такво нешто не смее да се дозволи.

Значи ли поставувањето на Талат Џафери за прв човек на армијата задоволување на егото како одговор на конфликтот од 2001-та?

Ние сега ќе имаме министер кој ќе ги раководи военото разузнавање и контраразузнавање. Дали знае македонската јавност што значи тоа?

Се работи за освета од страна на ДУИ и УЧК кон македонскиот народ, јас не верувам дека на нив министерството само по себе им е толку важно. Ние сега ќе имаме министер кој ќе ги раководи военото разузнавање и контраразузнавање. Дали знае македонската јавност што значи тоа? Талат Џафери ќе ги добива контраразузнавачките информации, прислушуваните телефони, Талат Џафери може да даде наредба било кој да биде прислушуван, било кој граѓанин, денес тој може да потпише да биде прислушуван генерал Стојанче Ангелов со некое лево образложение, иако обично пред промена на власт тие ги бришат сите траги.

Пред неколку дена побаравте од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да не гласаат за именување на Талат Џафери за Министер за одбрана, но не ве послушаа?

Искрено сум многу разочаран од пратениците на владејачката партија, знам дека има многу послушници, но мислев дека има десет мажи кои се уште се патриоти, бидејќи сепак партијата го носи светото македонско име ВМРО, четирите златни букви од македонската историја. Требаше девет пратеници за да не се постигнеше кворум од 62 гласа „за“. Очекував ако немаат храброст директно да му се спротивстават на Груевски, бидејќи во партијата спротивставувањето на Груевски го доживуваат не како храброст, туку како лудост, дека ќе најдат некој друг начин да се скријат, за да не дојдат на таа седница. Ако тој ден девет пратеници не присуствуваа на седница, Талат Џафери немаше да стане министер за одбрана, бидејќи ДПА и Руфи Османи не му дадоа поддршка. Крајно сум разочаран од пратениците кои не заслужуваат да го носат името. Направивме очајнички обид со повик до претседателот Ѓорѓе Иванов, кој е врховен командант, апелиравме до него да ги употреби сите законски можности и овластувања кои ги има со уставот, да го употреби целиот рејтинг. Тој се уште важи за чесен човек, неизвалкан. Очекуваме од него да најде механизам Талат Џафери да биде повлечен од функцијата Министер за одбрана.

Јас сум скептик, бидејќи на македонскиот народ стравот му е навлезен во коски, луѓето се убедени дека ги следат, дека ги прислушуваат, дека ќе трпат последици.

Втората работа е апел и средби со претставниците на дипломатско-конзуларните претставништва во Република Македонија. Ние сме сведоци како албанската заедница кога нешто не им е по ќеиф трча и плаче кај меѓународната заедница. И сега храбро бараме од нив да преземат нешто, не одиме да плачеме кај нив, бидејќи во спротивно во Македонија може да има тешки последици. Именувањето на Талат е последната капка што ја прели чашата. Јас деновиве сум преплавен со пораки да организираме протести дури и од членови на ВМРО-ДПМНЕ кои би ја дале поддршката, но јас сум скептик, бидејќи на македонскиот народ стравот му е навлезен во коски, луѓето се убедени дека ги следат, дека ги прислушуваат, дека ќе трпат последици. Им велам дека е невозможно владата да има толку механизми да ги контролира сите граѓани, но таа е таа автоцензура, стравот кој што е раширен во последните неколку години. Доколку процениме дека има расположение кај граѓаните, дека можат да излезат да ни дадат поддршка, можеби ќе излеземе да организираме протести. Не зборувам за протести каде ќе има десетици илјади граѓани, немаме илузија дека ќе кренеме илјадници граѓани, за жал менталитетот на Македонецот е таков.

Може ли да се случи такво нешто?

На добар пат сме, затоа ви велам дека тие мали протести ќе ги организираме како Достоинство, нека дојдат и само 100 луѓе, ќе бидеме горди бидејќи за нас еден човек кој што доаѓа со искрена мисла да ни даде поддршка ни е рамен на 100 сеирџии кои седат на интернет и пишуваат коментари, а немаат храброст на дело да ја дадат својата поддршка.

Што е разликата од денешен аспект меѓу Црвенковски и Груевски?

Бранко Црвенковски во сите свои јавни настапи кажува дека од страна на СДСМ ќе биде именуван друг премиер кој ќе формира своја влада. Јас сум убеден дека денес Бранко Црвенковски политички е многу помудар од порано и воедно поддршката која му ја даваме не е само поради него, туку и поради тимот кој што Црвенковски го создаде. Во тој тим денеска се наоѓа и Љубчо Георгиевски и Љубе Бошковски и Андреј Жерновски и Стојанче Ангелов. Човек треба да има политичка зрелост за да ги собере сите тие луѓе. Црвенковски тоа успеа да го постигне и јас сум убеден дека кога ќе се формира новата влада од сегашната опозиција Црвенковски нема да биде премиер, туку премиер ќе биде човек кој ДПМНЕ нема да може да го напаѓа дека е виновен за се што се случува во државата, човек кој ќе формира некомпромитирана влада, која што ќе може Македонија навистина да ја поведе напред, без ширење на лажен патриотизам но и без дозволување да се гази македонското национално достоинство.

Во овој момент Црвенковски во СДСМ е незаменлив. Некој друг да се наметне како лидер на СДСМ во овј момнет е многу тешко и невозможно без поддршка од Бранко Црвенковски. Да се сетиме како Груевски стана лидер на ДПМНЕ. Ако Лубчо не одлучеше Груевски да биде претседател на ДПМНЕ, тој никогаш немаше да дојде на оваа позиција. Груевски буквално ја доби на подарок ДПМНЕ од Георгиевски и во неа влезе со луѓе кои беа се, само не вмровци, некои беа од Демократска алтернатива, некои од Социјалдемократскиот сојуз, но од третата лига. Груевски ја узурпира ДПМНЕ, инсталира свои луѓе насекаде, потоа успешно успеа да повлече назад некои од старите вмровци, да ги собере во старото јато делејќи разни функции. Знаете има една шега помеѓу нас, ако некој сака да напредува во ДПМНЕ треба да отиде извесно време во ВМРО-НП, па дури потоа ќе добие функција во ВМРО-ДПМНЕ.

Со вашите коалициони партнери одлучивте да ги бојкотирате претстојните локални избори. Каква разврска очекувате?

Јас очекувам од ДПМНЕ да го преземе единствениот разумен чекор, она што го бараат македонските граѓани, да се распишат вонредни парламентарни избори, локалните можат да бидат во истиот термин, но со пролонгирање на роковите за поднесување на листи или да бидат одложени заедно со парламентарните . Најдоцна до септември во Република Македонија мора да има парламентарни избори. Никола Груевски нема легитимитет да владее со оваа држава, но тие се исплашени, ги следат анкетите и знаат дека губат од здружената опозиција. Тие успеа од Љубчо Георгиевски, кој со сите маани и доблести, сепак е идеен творец и основач на ВМРО-ДПМНЕ, да направат жесток нивен противник. Значи творецот на нивната партијата денеска се бори против нив. Љубе Бошковски еден од најекспонираните вмровци денеска се бори против ВМРО-ДПМНЕ, иаке за жал тоа го прави од затвор.

Јас, Стојанче Ангелов, од ноември 1990-та година станав член на ВМРО-ДПМНЕ во Штип, имам расфрлано летоци „СЛОБОДА НА НАРОДОТ, СМРТ НА КОМУНИЗМОТ“ во 1990 и 1991 годдина, во младешкиот занес во истиот период имам искршено бугарска кола пред хотелот во центарот на Штип, тоа државната безбедност го знаеше, го знаат и моите поранешни сопартијци од Штип, денес еден од нив е координатор на ВМРО-ДПМНЕ во Штип, сме кршеле прозорци на неколку албански трафики во Штип и сме биле убедени дека оваа држава еден ден ќе стане вистинска држава. Ова што денес се случува, го води Никола Груевски во сигурен пораз, тој и затоа се плаши да отиде на парламентарни избори, но јас го повикувам барем еднаш нека не биде политичка кукавица, нека биде вистински маж, нека не порази, па тогаш нека зборува, или нека го земе примерот од неговиот бугарски колега Борисов кој што даде оставка само затоа што била покачена струјата, презеле некои мерки кои биле непопуларни меѓу граѓаните и полицијата повредила неколку десетина граѓани на протестите. Образложението на оставката е дека како премиер нема да дозволи полицијата да го тепа неговиот народ. Каде е Никола Груевски во споредува со неговиот бугарски колега?